За зградата на Централната пошта, која значително беше оштетена во пожарот во 2013 година, Владата води постапка да го предаде нејзиното владение на Град Скопје, соопшти неодамна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, по што тој култен објект треба да се реконструира и да се пренамени во Младински простор (хаб) за потребите на проектот „Скопје-Европска престолнина на културата“.
„Настани ќе има и во Поштата, еден од најкапиталните објекти во Град Скопје, кој ќе остане симбол за град – престолнина на културата. Во постапка сме со Владата да ја преземеме ние, да бидеме оние коишто ќе владеат со истата и ќе биде претворена во младински хаб, но и симбол на Скопје – Град престолнина на културата. Туризмот ќе се зголеми, ќе имаме што повеќе посетители“, изјави Ѓорѓиевски.
Овој проект за реставрација на Централната пошта е можеби и еден од најважните, земајќи предвид дека објектот во 2021 година се најде на листата од седумте најзагрозени споменици во Европа, која ја оформуваат „Европа Ностра“ и Европската инвестициска банка.
-Зградата на Централната пошта претставува сè она што е програмата „Седумте најзагрозени“, а тоа е културен објект од извонредно значење кој претставува симбол на повторното раѓање на градот после земјотресот. За жал, овој објект потребно е да се роди по вторпат – изјавија тогаш од одборот на „Европа ностра“.
Како дел од поддршката од ЕУ за реставрација на овие објекти, уште тогаш беше објавено дека секој од загрозените споменици на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе за зачувување, но Централната пошта не доби некоја позначителна реставрација, туку само потврда од Европа, која воедно беше и опомена за властите да не допуштат овој впечатлив, но сега опожарен објект, да отиде во заборав.
Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.
На 8 август 2024 тогашниот евроамбасадор Дејвид Гир се сретна со вицепремиерот Александар Николоски и со претставници на Министерството за култура и разговараа за реставрација на централната зграда на „Македонска пошта“ во центарот на Скопје, а по состанокот Николоски изјави дека објектот на Централната пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија и токму затоа треба да биде зачуван, реставриран, но и да ја зачува неговата основна форма.