Владата ја замрзна цената на лебот на 33 денари

од Вести365.МК | М.Т.

Владата на денешната седница ја замрзна цената на белиот леб на 33 денари до 31 мај оваа година. Одлуката е донесена затоа што компаниите не ги намалиле цените на основните производи, покрај антикризните мерки на Владата. Исто така, донесена е одлука и да се укине субвенционирана цена на струјата за компаниите. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја.

Премиерот Димитар Ковачевски објасни дека антикризните мерки беа донесени за да обезбедат мирна и предвидлива есен и зима за граѓаните и компаниите во време на енергетска криза. Компаниите добија цена на струја преку ЕСМ пониска од берзанската, но не ги намалија цените на производите, па Владата донесе одлука да ја укине субвенционираната цена на струјата за компаниите.

Со замрзнувањето на цената, белиот и полуделиот леб сечен и на париња или цел од 450 грама ќе биде 33 денари, а под 450 грама до 33 денари по леб во сооднос со тежината на лебот. Одлуките утре ќе бидат објавени во Службен весник и ќе стапат на сила.

Производителите на леб вчера се заканија дека доколку Владата донесе одлука за замрзнување на цената на овој производ, тие веднаш ќе престанат да го произведуваат и да го испорачуваат на пазарот, и тоа не само „народниот“, туку сите видови леб. Ваква одлука донеле едногласно 32 индустриски пекари од целата држава плус здруженија на мали пекари од повеќе градови.

Слични објави