Владата синоќа на седница донесе одлука за основање две национални установи, на предлог на Министерството за култура, „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ во Скопје „Галерија на Гостивар“ во Гостивар.
Основна дејност на „Оркестар за џез музика“ ќе биде музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување на високо квалитетни музички дела, од областа на џезот и сите сродни жанрови кои гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на 21. век.
„Оваа установа, ќе ги зачува талентираните џез музичари кои ги има, ќе им овозможи траен и оддржлив ангажман што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негување на џез културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа. Во тој контекст, установата ќе работи на подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации кои ја негуваат истата дејност. Водејќи се од принципите за промовирање на културната различност, рамноправност на културните жанрови, дисперзија и развој на нова публика се јавува потребата од основање на нова институција од ваков тип“, стои во образложението на Министерството.
Оркестарот за џез музика изминативе години одржа голем број концерти и со домашни и странски музичари, а концертите беа полни и со денови претходно распродадени.