Вкупно 39 години затвор за несреќата кај Ласкарци, роднините незадоволни од пресудата

од Вести365.МК | М.Т.

Вкупно 39 години затвор за шестмината осудени за автобуската несреќа која пред речиси пет години се случи близу селото Ласкарци, а во која загинаа 16 луѓе и над 30 беа повредени. Најблага казна, 4 години затвор, доби газдата на фирмата „Дурмо Турс“ Дурмиш Белули заради што роднините на загинатите се разочарани.

По речиси пет години поминати во судски рочишта, Кривичниот суд во Скопје ги прогласи за виновни шестмината обвинети за автобуската несреќа кај Ласкарци. Најголемата затворска казна ја доби возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кој на 13 февруари 2019 управуваше со автобусот кој излета од патот, при што загинаа 16 луѓе, а над 30 беа повредени. Тој е осуден бидејќи возел со недозволена брзина од 99 километри на час што предизвикало сообраќајна незгода со смртни последици.

Но, првообвинетиот во овој процес, сопственикот на фирмата „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули беше осуден на 4 години затвор, а одговорниот во неговата фирма за транспорт Ремзи Мифтари доби построга казна, вкупно 6 години затвор.

„Тие се осудени затоа што во период од 2017 до 2019 година не се придружувале до прописите за безбедност на автобускиот сообраќај, и свесно и континуирано дозволувале во сообраќај да учествува неисправно возило, без да преземат мерки за негова поправка, иако биле свесни за можните последици“, се вели во пресудата.

Вработените во техничкиот центар на истоимената фирма – Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, добија по пет години казна затвор како соучесници во делото, затоа што иако утврдиле дека автобусот е неисправен, сепак потпишале записник во кој се тврди дека автобусот бил технички исправен, по што бил пуштен во сообраќај.

Обвинителот Дарко Јакимовски изјави дека осудителната пресуда е очекувана, но сепак најави нејзино преиспитување.

„Очекувано беше дека казните нема да се движат поблиску кон законскиот минимум на казнување за ова дело кое може да се движи во распон од 4 до 20 години, во тој поглед секако дека ќе се преиспита казната и битна алка во одговорноста е секако одговорното лице и управител на фирмата“ изјави Јакимовски.

За роднините на загинатите во автобуската несреќа, Судот бил благ кон првообвинетите.

„Како да бидеме задоволни, особено кон прво обвинетите, сметаме дека казните се минимални, ова беше најтешката несреќа во историјата на постоењето на Гостивар,“ изјави еден од роднините на загинатите по читањето на пресудата.

Слични објави