Весна Дамева се враќа на чело на Судскиот совет, оти Управен суд ја поништил одлуката за нејзино разрешување, пишува „СДК“ повикувајќи се на изјава од претседателот на судот, Бурим Сејдини. Тројцата судии кои одлучуваше, утврдиле дека нејзиното разрешување е незаконско, по што ја поништиле одлуката донесена од Судски совет.
Со оваа пресуда, по која никој нема право на жалба, Дамева се враќа на местото претседател на Судскиот совет, на кое по незаконското разрешување, членовите го избраа Сашко Георгиев.
Тој сега ќе мора да ѝ го отстапи местото на Дамева, да го доврши претседателскиот мандат, до 2025 година.
Тогашниот потпретседател на Судскиот совет Селим Адеми на седница на 26 април поднесе барање за разрешување на претседателката Дамева, поради нарушени човечки односи во Судскиот совет.
Разрешувањето на Дамева беше со жестоки кавги и обвинувања. Точката се разгледуваше јавно, се гласаше јавно, па гласањето се повторило на тајна седница.