Немавме детална дискусија за корупцијата, но зборувавме како дел од разговорот. Премиерот истакна дека таа се случува во секоја земја, па и во ЕУ. Корупцијата не е уникатна за одредена земја или одредено правосудство, изјави ирскиот премиер Лео Варадкар на денешната прес-конференција со неговиот македонски колега, Димитар Ковачевски.
Варадкар, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека треба да се гонат ваквите случаи, бидејќи така се испраќа порака кон луѓето, дека доколку се впуштат во коруптивни дејствија нема да успеат и ќе бидат казнети.
-Знам дека тоа се прави во вашата земја, но важно е како членови на ЕУ и луѓе што доаѓаат од западна Европа да го препознаеме фактот дека корупцијата може да се случи и во нашите држави. Битката против корупцијата е постојана битка. Битката нема да заврши кога ќе се приклучите во ЕУ, додаде ирскиот премиер.
Варадкар е во еднодневна посета на Македонија. Во земјава доаѓа по посетите на Косово и Црна Гора.