Дејноста на медицинските сестри е од исклучително значење за здравствениот систем на секоја држава, но начинот на едукацијата има огромно влијание врз квалитетот на понудените услуги, вели во разговор за Фактор, м-р Гордана Бешлиовска, претседателка здружението „За нас“ и на Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС).
Според неа станува збор за струка која не може и не смее да се заврши вонредно, а единствено што произлегува од ваквиот тип на образование е хиперпродукција на недоволно квалитетен медицински кадар.
-Има случаи на преквалификување од сите можни професии, кои вонредно завршувале во повеќе школи низ Македонија. Велат дека сега им се укинува уставното право за неформално образование кое го нуди Работничкиот дом „Кочо Рацин“, но на ова навистина мора да се стави крај, особено што тие на некаков начин ќе ја добијат дипломата, но немаат никаква практична настава. А најмногу преку праксата се стекуваат со квалитетни вештини кои се потребни за работа низ болниците. Најмногу има преквалификации на кадар вработен во болниците и другите здравствени установи и тоа од работни места како што се администраторки, хигиеничарки, болничарки, бидејќи при запишување немаат никакви услови, станува збор за неформално образование… Ние не сме против никого, секој си бара место под сонцето, меѓутоа хиперпродукцијата може само да донесе неповратна штета на македонскиот здравствен систем, вели Бешлиовска.
Целото интервју можете да го прочитате тука.