Мадрид – Повеќе од 1.500 луѓе се евакуирани денеска поради големиот шумски пожар во провинцијата Кастелон на истокот на Шпанија.
Службите за итни случаи во регионот објавија дека поради пожарот се евакуирани луѓе од осум општини, вклучително и дом за стари лица во Монтана.
Во гаснењето на пожарот од пладнево се ангажирани 18 авиони и хеликоптери и повеќе од 600 пожарникари и војници, додека шпанската армија распореди дополнителна поддршка за што поскоро да се стави огнот под контрола.
Државната метеоролошка агенција АЕМЕТ на Твитер објави дека „неповолните временски услови, особено во однос на периодот од годината, придонесуваат за брзо ширење на пожарот“.
Температурите беа над 25 степени Целзиусови кога избувна пожарот, а релативната влажност падна под 30 проценти по невообичаено сувата зима во областа.
Ризикот од нови пожари во Кастелон денеска е класифициран како „екстремен“, наведува агенцијата.