Апелација ЈА ПОТВРДИ ослободителната пресуда за Мијалков

од Вести365.МК Ј.Р.

Апелацискиот суд Скопје објави дека ја потврдува ослободителната пресуда што ја донесе Основниот кривичен суд за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и припадниците на поранешната полициска единица „Алфи“ во случајот „Тортура“.

„Советот на Апелациониот суд Скопје утврди дека првостепената пресуда е јасна, разбирлива, подобна за испитување, не содржи суштествени повреди на одредбите на ЗКП, а фактичката состојба е правилно утврдена, при што првостепениот суд утврдил поинаква фактичка состојба од изложената во поднесениот и прецизиран обвинителен акт на Основното јавно обвинителство Скопје“,велат од Апелација.

Основниот кривичен суд Скопје ја донесе ослободителната пресуда на 23 јули 2021 година. На пресудата се жалеше скопското Основно јавно обвинителство (ОЈО), додека Вишото ѝ предложи на Апелација да ја отфрли жалбата на хиерархиски пониското обвинителство и да ја потврди ослободителната пресуда.

Предметот „Тортура“ се однесува на начинот на апсење на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година, ден по тогашните парламентарни избори. Според обвинителството, при апсењето на Бошкоски имало мачење. Тој не давал отпор, а била употребена полициска сила, бил легнат на земја во близина на полски тоалет кај ресторанот „Воденица“ во Скопје, бил враќан за да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го омаловажат, а сето тоа предизвикало психичко страдање. Мотивот, според обвинителството, бил политички реваншизам.

За ова, на обвинителна клупа седнаа Мијалков, поранешниот командант на „алфите“ Ивица Анчевски – Пуки и петмината тогашни припадници на оваа полициска единица: Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани.

При изрекувањето на пресудата во Кривичниот суд, која денеска ја потврди Апелација, судијката Александра Ристеска, рече дека обвинителството не докажало надвор од основано сомнение дека тие се виновни за делот мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.

Таа рече оти е неспорно дека се случил настанот, но посочи дека не е јасно кој од обвинетите „алфи“ што преземал и каков придонес имал кон кривичното дело, а забележа и дека обвинителот не направил градација на односот на поттикнувачот – Мијалков со другите обвинети поради што може да се извлече само заклучок дека ексдиректорот на УБК подеднакво ги поттикнувал сите.

Самото обвинение во делот на поттикнувањето, според судот, останал само на ниво на претпоставката врз која била изградена теоријата на случај на обвинителството, меѓутоа правната сигурност, оцени Ристеска, во ниту еден случај не дозволува недокажани претпоставки

Слични објави