Американскиот амбасадор потврди: НА ДНЕВЕН РЕД Заедница на српски општини во Косово

Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, денеска изјави дека смета оти на претстојните разговори како дел од дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел најверојатно ќе се разговара за предлогот за формирање Заедница на српските општини на Косово и Метохија.

– Мислам дека за ЗСО ќе се разговара на претстојните разговори. Како што споменав претходно, договорите што беа потпишани во присуство на многу сериозни луѓе од меѓународната заедница мора да се спроведат – рече Хил одговарајќи на новинарско прашање по конференцијата на Американската стопанска комора во Србија во Белград.

Тој додаде дека смета оти дијалогот добил нов замав. Мислам дека има план за 2 мај и многу е јасно дека ќе биде претставен. Се надевам дека ќе се постигне одржлив напредок кога е во прашање дијалогот – рече Хил.

Тој рече дека улогата на САД и меѓународната заедница е да го забрзаат спроведувањето на Бриселскиот договор, кој беше потпишан во 2013 година, а клучниот дел, првите шест точки, кои се однесуваат на ЗСО, сè уште не е имплементиран.

– Луѓето во српските заедници на Косово мора да разберат каде е нивната иднина, а тоа секако ќе биде овозможено со формирањето на Заедницата на српските општини – рече Хил, пренесува Танјуг.

Хил не сакаше да ги коментира резултатите од изборите кои се одржаа вчера во четири општини на северот на Косово и додаде дека американската амбасада во Приштина објавила официјално соопштение.

Слични објави