Авион на „Виз ер“ што летал од Прага за Рим утрово, 6 ноември, бил пренасочен кон Венеција по дојава за бомба. Авионот слетал во Венеција, потврдил извор од аеродромските власти за Ројтерс.
Италијанската агенција АНСА првично објави дека дојавата стигнала преку анонимен телефонски повик до контролната кула на римскиот аеродром „Фјумичино“. Изворот на Ројтерс го оспорил тој дел од извештајот.
Ова е втор ден по ред во кој лет кон Рим е пренасочен по дојава за бомба. Во четвртокот, авион на „Ер Лингус“ од Даблин за Рим слета во воздухопловната база Евре во северна Франција, со придружба на француски воени авиони. Патниците од тој лет пристигнале во Рим во текот на ноќта.