Дијабетичарите го прашуваат министерот за здравство Фатмир Меџити, длаи вредат нешто животот и здравјето во оваа држава?
Тие со писмо до него и министерството повторно укажуваат дека нема инсулински игли, ленти и глукомери немаат осум месеци, а и терапијата не ја добиваат редовно, и најавија дека ќе ја тужат државата и правдата за здравје ќе ја бараат на суд.
Пациентите си наоѓаат адвокати и прибираат докази дека Министерството за здравство нередовно им доставувало инсулин и антидијабетични терапии кои не смеат да доцнат ниту еден ден, а не 8 месеци, вели за Канал 5 Претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари, Диме Велев, кој појаснува дека најтешко поминуваат децата кои имаат тип 1 дијабет, оти тие треба да го мерат шеќерот повеќе пати на ден.
-Поминаа цели осум месеци, што е трагично. Значи, одговорноста мора некој да ја понесе, затоа ние го менуваме начинот на делување. Нема да им удоволиме на честа и свеста, да протестираме, да им дигаме поени, туку ќе почнеме правни процедури. Со предупредување, односно претставки. А додека тоа не се случи, согласно законот за облигациони односи, Законот за здравствена заштита и.т.н., ние ќе одиме со тужби кон судовите. Кога велам ние, мислам на пациентите, не на Сојузот, Сојузот на тоа нема право.- Диме Велев – Претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари
Од Министерството за здравство пак, велат максимално се заложуваат за да се надминат предизвиците. Тврдат дека во инсулинските аптеки има доволно количини на инсулин, а дистрибуирани се и игли. Лентите и глукомерите ќе стигнеле во законскиот рок, а наредната недела ќе се склучувале и договори за сензори.
Според последните официјални податоци бројот на новодијагностицирани пациенти само минатата година е 7 460 пациенти, па со нив во земјава евидентирани се околу 135.700 граѓани кои се соочуваат со дијабет.