За ректор на УКИМ за мандатниот период од 16 септември 2023 до 15 септември 2026 година досега се пријавиле деканот на Филозофски факултет проф. д-р Ратко Дуев, професорот д-р Горан Ајдински исто така од Филозофскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелна проректорка за настава, проф. д-р Димитар Ташковски исто така од ФЕИТ, проф. д-р Атанас Кочов од Машински факултет, како и актуелната проректорка за финансии, проф. д-р Билјана Ангелова.
Рокот за пријавување за избор на нов ректор на најстариот универзитет во земјата „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) истекува денеска на полноќ, а гласањето е закажано за 30 мај, од 14 до 16 часот, на сите 23 факултети и 5 институти.
Проректорката Спасевска неодамна во изјава за медиум истакна дека во оваа ректорска трка влегува со уверување дека во соработка со професорите, асистентите и студентите може да се направат вистински промени на УКИМ како најстара и најреномирана образовна институција во земјава. Мотив за оваа кандидатура, според Спасевска е подигнување на квалитетот на високото образование, зголемување на реномето на УКИМ и создавање услови за добивање поголем број на меѓународни проекти и создавање европско образование дома.
Постапката за пријавување на кандидати за ректор на УКИМ започна на 3 април.
Од 15 до 26 мај по кампусите на УКИМ ќе има претставување на кандидатите за ректор. На 17 мај ќе се утврди единствениот избирачки список. Право на глас имаат околу 1.500 гласачи, избрани во звање доцент, редовен и вонреден професор. Евентуалното прегласување е закажано за 9 јуни.