Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, и премиерот Христијан Мицкоски развија остра расправа за состојбата на енергетскиот сектор и за најавеното поскапување на струјата на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Филипче ја обвини Владата дека по две години на власт не презела доволно мерки за зајакнување на домашното производство на електрична енергија, поради што државата, како што рече, е принудена да увезува скапа струја и да прогласи кризна состојба. Тој праша зошто сега доаѓа до поскапување на струјата за граѓаните, што, според него, ќе повлече и други поскапувања.
– Зошто не произведуваме струја со максималниот капацитет и мораме да увезуваме скапа струја, па сега и да прогласиме кризна состојба. Моето единствено прашање до вас е зошто сега мора да има поскапување на струјата за граѓаните, која ќе повлече и други поскапувања – праша Филипче.
Мицкоски му одговори дека „цената на електричната енергија не ја утврдува Владата, туку Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која по закон е независно тело“. Тој му порача на Филипче дека прашањата за одлуките на РКЕ треба да бидат упатени до претседателот на таа институција, Марко Бислимоски, чијшто брат е дел од извршниот одбор на СДСМ.
– РКЕ по закон и Устав е независно тело, не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање. Претпоставувам дека треба да му го поставите на Марко Бислимоски и се надевам дека тој ќе ви даде подобар одговор од мене – додаде Мицкоски.
Тој оцени дека енергетскиот сектор бил сериозно оштетен во периодот на владеењето на СДСМ, наведувајќи дека повеќе луѓе се под истрага или се водат судски постапки поврзани со работењето на енергетските компании. Премиерот посочи дека во 2017 година, кога тој бил претседател на ЕЛЕМ, имало стабилна финансиска состојба, додека во 2024 година секторот бил со ниско ниво на акумулации, неремонтирани капацитети и со значителни долгови.
Премиерот нагласи дека состојбата што актуелната влада ја затекнала во енергетиката претставува сериозен предизвик и дека, според него, токму тоа е причината за сегашните проблеми.
– Јас не знам како се оперира глава, срце – но знам кого да прашам. Друг пат кога ќе ви ги постават овие прашања, бидејќи ова не е ваша тема, прашајте некој кој ги разбира овие работи, бидејќи тоа што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор – катаклизма е комплимент – додаде Мицкоски.
Филипче, пак, возврати дека премиерот не дал директен одговор на прашањето за поскапувањето на струјата и оцени дека Владата има одговорност да ги искористи капацитетите за заштита на граѓаните од дополнителни трошоци.
Тој додаде дека доколку има криминал, надлежните институции треба да постапуваат, но дека тоа не може да биде оправдување за, како што рече, сегашниот пристап кон енергетската криза.