Тошковски: 13-годишно дете се бори за живот, обезбедени пет лица за инцидентот во Чаир

од Вести365.МК Ј.Р.

Сите учесници во инцидентот во скопската населба Чаир, во кој со нож беше повредено 13-годишно дете, се обезбедени од страна на полицијата – изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски појаснувајќи дека се приведени вкупно пет лица.

Според министерот, повреденото дете се наоѓа во многу тешка здравствена состојба и се бори за животот.

-Eдно лице моментно е во многу тешка здравствена состојба, се бори за животот. Станува збор за малолетник, а во согласност со првичните информации добиени од службите во Министерството, и оној што го врши кривичното дело исто така е малолетник. Детето со тешки телесни повреди и детето што ги нанесува се иста генерација, родени 2012 година – изјави министерот, кој денеска ги поздрави учениците примени во Средното полициско училиште „7 Мај“ по повод почетокот на нивното образование.

Тој оцени дека пораката од овој кривично-правен настан е страшна, притоа истакна дека ваквите ужасни сцени од аспект на кривични дела претставуваат предизвик не само за држави како нашата туку и за големите и развиени земји членки на Европската Унија.

-Станува збор за сторување на ужасно насилни кривични дела од страна на малолетници каде што кривично-правниот општествен одговор е многу поинаков отколку кога станува збор за одговор насочен спрема полнолетни лица. Овде мораме како општество малку подлабоко да навлеземе и мора да има поширок институционален одговор – и од страна на надлежните министерства, и од сите општествени чинители, од родителите, социјалните центри, МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, здравствените центри и Министерството за здравство. Навистина ова е еден од најужасните предизвици коишто ги имаме пред нас – порача министерот Тошковски. (МИА)

Слични објави