Тополова-Исајловска најсериозен кандидат за главното обвинителско столче

од Вести365.МК Ј.Р.

Обвинителката Анита Тополова-Исајловска, која сега е вршител на должност, е најсериозен кандидат да седне на главното обвинителско столче на местото на обвинителот Љупчо Коцевски, кој си даде оставка, непосредно пред да биде разрешен.

По низа критики, откако власта успеа да го тргне Коцевски, на огласот што го распиша Собранието се пријавија петмина кандидати, тројца обвинители, Тополова, обвинителката што ги води случаите во кои е обвинета владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ленче Ристоска и обвинителката од скопското обвинителство Лидија Раичевиќ. За републички јавен обвинител се пријави и судијата од Кривичниот суд, Ненад Савески и разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски.

Амбиција за републички јавен обвинител имаше и поранешниот шеф на скопското Вишо јавното обвинителство Мустафа Хајрулахи, кој водеше жестока битка со Коцевски и со обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство и нивните бонуси, но на крајот се премисли и не поднесе кандидатура. Меѓу обвинителите што се споменуваа, по мера на власта беа и обвинителите Јован Цветановски и Златко Биковски, но ниту тие на крајот не поднесоа кандидатура. Па од имињата што се пријавија во Собранието, како фаворит на власта се споменува Тополова-Исајловска. Премиерот Христијан Мицкоски сепак јавно не посочи „кој му е фаворит“.

-Колку што знам сега постапката е да се произнесе советот на јавни обвинители, па потоа владата ќе се произнесе – кажа кратко Мицкоски.

Обвинителката веќе двапати присуствуваше на Советот на јавни обвинители, но одлучи да не комуницира со новинарите, а уште помалку да дава изјави. Таа беше единствен кандидат за вршител на должност и од Советот доби едногласна поддршка.

Слични објави