Студентски отпор се приклучува на протестот кој за утре го најави универзитетското студентско собрание при УКИМ пред Министерството за образование и наука.
Ние како неформална студентска организација се координиравме и одлучивме протестот да биде од 14 часот на истата локација истиот ден. Само обединети заедно можеме да се избориме за нашите студентски права, велат оттаму и повикуваат оние кои ќе се приклучат на протестот да носат свирчиња, транспаренти и многу енергија.
Претходно, тие порачаа дека и покрај најавите на МОН дека стипендиите за месец октомври и останатите ќе бидат исплатени на 1 февруари како краен рок, сепак трансакциските сметки на студентите останале празни.
„Средства кои денес ги немаме, а сме приморани да ги користиме за покривање на трошоците за запишување на семестар и останати тековни трошоци за студирање. Исто така веќе две години го пробиваат сите рокови за започнување на реконструкцијата на студентските домови кои се со субстандардни услови, а многу пати досега беше ветено дека ќе се започне реконструкцијата во најбрз можен рок“, стои во повикот на Студентски отпор.