Се одложи судењето на родителот кој тепаше деца-фудбалери во Штип – немало превод на албански

од Вести365.МК Ј.Р.

Во Основниот суд Штип денеска беше предвидено да започне судењето на 43-годишниот родител на младински фудбалер на Шкупи, кој поради црвен картон и исклучување на неговиот син од игра нападна и претепа две малолетни момчиња-фудбалери на Брегалница, но рочиштето се одложи за на 29 септември бидејќи адвокатот на осомничениот побара албански превод од обвинителниот предлог и симултан превод на албански јазик додека трае судењето.

ОЈО Штип покрена обвинителен предлог против 43-годишниот родител за кривично дело Насилство, што се случи на игралиштето „Бело Брдо“ на 24 август, кога во 89. минута од натпреварот, судијата поради прекршок доделил втор жолт картон на синот на осомничениот кој играл за Шкупи, со што го исклучил од игра.

„Незадоволен од судиската одлука, синот се однесувал неспортски и со тупаници и клоци се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на ФК Брегалница, по што на терен влегол таткото и со тупаници и клоци почнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеници на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, се вели во соопштението од ОЈО од 25 август.

Фудбалската федерација на Македонија веднаш му изрече најстрога казна на играчот од Шкупи, чиј родител е во притвор, и тој веќе нема право да се натпреварува во македонскиот фудбал и е целосно исклучен од фудбалска организација.

Слични објави