Му се заканува ли исчезнување на македонскиот јазик? Ова прашање се наметнува поради сè помалата заинтересираност за негово изучување.
Начинот на вработување, недоволно платените просветни работници и немањето мотивација се само дел од причините за дефицит на македонистите, смета професорката по македонски јазик и литература, Марија Иванова, за ТВ24.
Иванова ги посочува и дел од секојдневните предизвици со кои се соочуваат професорите и наставниците по македонски јазик.
Сè помалиот број на студенти на катедрата по македонски јазик и книжевност, Филолошкиот факултет при штипскиот Универзитет се труди да го ублажи со мотивација и стимулирање на идните студенти.
Дека состојбата со македонскиот јазик на универзитетските студии не е сјајна покажуваат и бројките на запишани студенти на катедрите по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Штип, односно во моментот вкупниот број на активни студенти по македонистика на сите четири студиски години изнесува само 30.