Турските медиуми започнаа да известуваат за двојното убиство на Љупчо Палевски – Палчо, откако беше уапсен во Баликесир, а во моментов турската полиција испитува кои се неговите контакти во таа земја и зошто решил таму да се крие.
Палчо по убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е опишан во турските медиуми како „лидер на екстремната десница во Македонија“.
„Познато е дека Палевски, кој го бара Интерпол, е лидер на екстремно десничарска партија во Македонија. Додека се разгледува можноста осомничениот Палевски да дошол во Турција преку Србија и Бугарија, полициски екипи ги истражуваат неговите врски и во Турција.“, објави Хаберлер.
Турските медиуми засега за Палевски известуваат само дека се барал за две убиства во близина на Скопје и дека е фатен во акција на полициската управа на Баликесир како и тоа дека е лидер на екстремно десничарска партија, кој најверојатно пред да влезе во Турција прво бил во Србија и Бугарија.