Исплатени се рекордни 26,3 милиони евра субвенции за произведен и предаден тутун од реколтата 2022 година на сметките до 15.753 производители на тутун. Како што беше најавено, Владата предводена од СДСМ во месец април ги исплати субвенциите и тутунарите веќе ги добиваат средствата на своите сметки, велат од партијата.
Потенцираат дека ова е историска и рекордна исплата. Висината на директните плаќања изнесуваат 80 денари по килограм за прва класа произведен и предаден тутун , 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа.
– Откупот на тутунот од реколтата 2022 достигна рекордна откупна цена од 290 денари по килограм, што е зголемување за 44% во споредба со реколтата од 2021 година. Истовремено, откупот помина без ниту еден проблем, а целокупното производство од реколтата 2022 беше откупено два месеци порано пред истекот на законскиот рок. Дури 80% од тутунот да биде откупен во прва класа, што претставува уште еден историски успех за производителите на тутун, а вкупната вредност на откупениот тутун во 2022 година достигна 6 милијарди денари и во целост е исплатен од страна на откупните претпријатија, нагласуваат тие.
Додаваат дека ова е само еден во низата примери за вистинска грижа за земјоделците од страна на СДСМ. Продолжуваме да инвестираме во земјоделството како стратешка стопанска гранка, стои во соопштението.