СДСМ за 11 Октомври: Антифашизмот е обврска да се живее во мир и слога, а не во закани и раздор

од Вести365.МК Ј.Р.

Антифашизмот не е споменик, туку обврска да се живее во мир и слога, а не во закани и раздор, велат од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во соопштение по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

„Пред 85 години партизаните излегоа за слободна држава. За слобода. За достоинство на човекот. Против фашизмот! Не за поделба. Не за понижување на народот. Не за да го викаат талог, мочуриште, медиокритети, глодари. Тој речник не е од 11 Октомври и вредносите на НОБ. Тој речник е од друга традиција. СДСМ ја памети својата, секогаш на вистинската страна на историјата“,велат социјалдемократите во соопштението во кое може да се препознае критички наратив кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека антифашизмот значи обврска сите да бидат еднакви пред законот, а не „само оние што немаат кабинет“, како и обврска државата да работи за себе, а не за интерес на друга земја.

Според социјалдемократите, иднината на Македонија е во Европската Унија, бидејќи граѓаните заслужуваат подобар стандард, достоинствени примања и држава од која младите нема да се иселуваат во потрага по егзистенција.

„Патриотизам е како се живее денес и што им се остава на децата утре. Да не мораат да земаат бугарски пасоши. Да не мораат да глумат патриоти заради личен интерес, туку вистински да ја сакаат и да ја почитуваат својата татковина. Лажниот патриотизам не смее да биде пат кон власт. Македонија не е депонија за туѓ проект. Не е рудник за туѓа муниција. Не е хардвер за туѓа дигитализација. Не е ходник за туѓа агенда. Не е каса за провизија. Македонија е заедничка татковина“,порачуваат од Социјалдемократскиот сојуз.

Слични објави