Иако законскиот рок за исплата на платите помина на 15 април, вработените во културните установи ширум земјата сè уште не ја добиле својата мартовска плата – реагираше опозицискиот Социјалдемократски сојуз, од каде предупредуваат дека доцнењето доаѓа во чувствителен момент, пред најголемиот христијански празник Велигден.
Од партијата велат дека ваквиот пропуст „не е само техничко прашање, туку директен удар врз достоинството на луѓето кои секојдневно работат на зачувување на културното и духовното наследство на земјата“.
„Да се остават културните работници без плата во денови кога семејствата се собираат, кога празниците повикуваат на заедништво и топлина, е чин на рамнодушност и институционален срам“, велат од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека министерот за култура Зоран Љутков потфрлил, не само во извршување на својата функција, туку и како човек кој доаѓа од светот на културата.
„Разочарувачки е што токму тој, кој некогаш стоел на сцена, не покажува емпатија кон своите колеги. Културата не смее да биде последна. Овие луѓе заслужуваат почит, сигурност и достоинство, а не понижување и страв,“ се додава во реакцијата.
СДСМ бара итна исплата на платите и повикува на политичка и морална одговорност.