Мостот кој води од Ист Гејт мол кон Железничката станица Скопје утрово е затворен за сообраќај, поради пожарот што избувнал ноќеска околу полноќ.
Пожарот е локализиран утрово околу 4 часот, но сообраќајот е во прекин, бидејќи сè уште трае увидот.
„Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС) на Град Скопје ги известува граѓаните дека во моментов за сообраќај во двете насоки е затворен мостот кај Нова железничка станица, од крстосницата со улица „Ѓуро Ѓоновиќ“ и улица „Никола Карев“ до крстосницата меѓу улица „Беласица“ и булеварот „Гоце Делчев“. Сообраќајот ќе се одвива во согласност со привремено воведен изменет режим, па сега возилата се пренасочуваат по околната сообраќајна улична мрежа“, се вели во соопштението на ЦУКС.