Претседателот Стево Пендаровски веќе ги собрал потребните 10 илјади потписи за трката за шеф на државата. Како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, граѓанските потписи биле собрани за неполни пет часа.
-Собирањето на потписите започна денеска, 3 март во 08.00 часот на територијата на целата држава и за неполни пет часа се собрани 10 000 потписи од граѓаните кои се потребни за поддршка на кандидатурата за претседател. Им благодариме на сите граѓани кои ја дадоа својата поддршка. Продолжуваме со собирањето на потписи и во наредните часови и денови, порачаа од Кабинетот на претседателот.
СДСМ денеска ќе одржи конвенција за избор на кандидат за претседател на државата на кој треба да се официјализира поддршката за Пендаровски. Претседателот во петокот на прес-конференција најави дека ќе трча по втор мандат.