Со 26 – годишно искуство во областа на европската дипломатија, Михалис Рокас ја почнува функцијата евроамбасадор во Македонија. Веста на фејсбук денеска ја објави Делегацијата на ЕУ во земјава. 60-годишниот Рокас е грчки дипломат и доаѓа од амбасадорското место во Малезија. Роден во Атина, економист по образование, дипломатската служба ја почнува во 1994-та, приклучувајќи му се на Генералниот директорат за надворешни односи на Европската комисија. Со оглед дека најголем дел од дипломатските функции ги врши на Далечниот Исток, тешко можат да се пронајдат негови ставови во однос на проширувањето на Западен Балкан, вклучително и за Македонија. Тој сепак не крие дека цврсто стои зад почетокот на преговорите за Украина.
-Нашата безбедност е под закана и затоа мораме да бидеме поотпорни, посамостојни и да создаваме партнерство на доверба во целиот свет. , изјави лани Михалис Рокас како амбасадор на ЕУ во Малезија.
Освен во Малезија, Рокас извршува дипломатски функции и во Нов Зеланд, Хонг Конг, Макао и Кина. Во јавните настапи често ја нагласува посветеноста во борбата против климатските промени и против дезинформациите.
-ЕУ секогаш била жесток поддржувач и бранител на слободата на печатот. Без слобода на печатот демократијата веројатно би пропаднала. Новинарите се едни од оние кои треба да го бранат просторот за новинарстовото да функционира и да известиваат без страв. , изјави Михалис Рокас како амбасадор на Малезија пред две години.
Рокас беше номиниран во април од првиот европски дипломат Жосеп Борел, на позицијата го наследува Дејвид Гир и е прв Грк евроамбасадор во земјава. Освен грчки, ги зборува и англиски, француски и германски јазик.