Најавен нов дводневен штрајк на германската железница: „Бевме подготвени на компромис…“

од Вести365.МК Ј.Р.

По истекот на ултиматумот упатен до раководството на Германските железници (Дојче Бан, ДБ), Синдикатот на вработените во железницата (ЕВГ) во петокот потврди дека се подготвува нов дводневен штрајк во целиот железнички сообраќај, кој ќе трае од недела навечер до вторник на полноќ.

„Бевме подготвени за компромиси, но ДБ претпочита да оди во насока на конфронтација и на тој начин да ги земе своите патници како заложници“, објави синдикатот во петокот по истекот на рокот што ЕВГ и го даде на ДБ да излезе со поповолен предлог за вработените.

Претставниците на ДБ рекоа дека „дале се од себе“ да го спречат штрајкот и му понудиле на синдикатот прифатливо решение, кое било одбиено.

ЕВГ свика дводневен штрајк на вработените во ДБ, како и на другите железнички компании кои работат во Германија, па се очекува целосно да биде прекинат железничкиот сообраќај, вклучително и приградските возови.

ЕВГ и Германските железници преговараат за колективен договор за околу 180.000 вработени, а преговорите, како што пренесуваат медиумите, запнале поради детали.

Машиновозачите, кои се организирани во синдикатот ГДЛ, на почетокот на јуни најавија објавување на нивните барања до ДБ.

Железничарите во последните неколку месеци неколкупати штрајкуваа, блокирајќи го сообраќајот не само со железница, туку делумно и по пат, поради дополнителното оптоварување на патиштата.

Слични објави