Мицкоски: Прислушкувањето на АНБ не е удар врз мене и новинарите, туку врз демократијата и темелите на државата

од Вести365.МК Ј.Р.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Владата се обрати на Тематски состанок за Партнерство за отворена власт. Тој уште еднаш потсети на скандалот со прислушувањето, и кажа дека тоа не е удар врз него лично, туку врз демократијата.

„Денеска сме собрани околу една идеја која е темел на секоја зрела демократија- отворената власт.

Со самото наше присуство овде испраќаме јасна порака: политичката волја и решеноста на Владата да продолжи со реформите во борбата против корупцијата, модернизацијата на јавниот сектор, дигиталната трансформација и јакнењето на демократската стабилност кои што како поими не се декларативни, туку реални и практични.

Нашата определба за партнерство и транспарентност е тесно поврзана со европската иднина на државата. Процесот на приближување кон Европската Унија не е само административна постапка, туку суштински трансформациски пат. Отворената власт е алатка преку која ефективно ја реализираме Програмата за работа на Владата 2024–2028, во чиј фокус се граѓаните и нивната доверба во институциите.

Во дискусиите денеска ќе се фокусираме токму на тоа – како преку принципите на транспарентност, отчетност и учество на јавноста да го поттикнеме напредокот во европската интеграција и реализацијата на клучните национални реформи. 

Затоа сум благодарен што денес се меѓу нас министерот Горан Минчев и г. Аидан Ејакуза, кои со своето искуство и знаење се силен поттик за овој процес.

Не можам да го занемарам и актуелниот контекст во кој се одвива овој состанок. Нашата држава се соочува со нов скандал – нелегално прислушкување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години. 

Јас лично, тогаш како претседател на најголемата опозициска партија, денеска како премиер заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата.

Сакам да порачам: Нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши.

Токму затоа партнерството за отворена власт е наш заеднички одговор. Затоа што таму каде што има светлина, нема простор за сенки. Кога институциите се отворени и отчетни, тогаш нема место за злоупотреба, ниту за загрозување на слободите и демократијата“, рече Мицкоски.

Слични објави