Премиерот Христијан Мицкоски кој присуствуваше на почеток на реконструкција на зградата на поранешното кино „Партизан“ во Битола при НУ Народен театар Битола, во изјава за медиумите рече дека очекува оваа година да почне изградбата на пругата долж Коридорот-10.
„Министерството за финансии доби задолжение од Владата да најде средства кои ќе бидат потребни за изградба на пругата која е дел од Коридорот 10, и очекувам периодов и формално да испратат дописи до заеемо давачоте, и ако биде се како што треба, очекувам оваа година да започне изградбата на оваа пруга“, изјави премиерот.
Христијан Мицкоски исто така очекува во теков на годинава да продолжи и изградбата на новите факултетски згради на ФИНКИ и ФФК.
„Во образованието ќе имаме инвестиции во вредност од 2 милијарди денари. Треба да се изградат седум комплетно нови училишта, реновирање на 20 училишта, четири нови спортски сали, два студентски дома. Дел од билатералниот стратешки договор со Обединетото кралство предвидува изградба на нов медицински факултет во Штип, и нов студентски дом со 200 легла. Очекувам оваа година да продолжи изградбата на факултетите ФИНКИ и ФФК како и почеток на изградбата на комплексот на универзитетот Мајка Тереза“, рече Мицкоски.