Министерот за здравство, Фатмир Меџити, денеска изјави дека набавката на лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза оди многу бавно и покрај тоа што законските измени поминаа, односно се изгласани. Рече и дека формирал комисија што порано ја немало, но не прецизираше кога најдоцна би стигнал лекот „Трикафта“ и за останатите пациенти што го чекаат.
Што се однесува на најавите за нови протести од Асоцијацијата на пациенти со цистична фиброза, Меџити вели: „не зависи сѐ од нас“.
– Има законски процедури и тендери и не можам да прејудицирам со законски рок. Тоа е и неблагодарно. Сакаме што побрзо да го решиме тој проблем и од денот кога станав министер секој ден се занимавам со тој проблем. Формираме точни процедури и протоколи, секој ден разговараме и за местото каде ќе бидат згрижени најдобро пациентите со цистична фиброза за тоа да биде подолготрајно, ефективно и поквалитетно. Тоа е посензибилен проблем и не стоиме со скрстени раце. Правиме се за и другите пациенти што побрзо да го добијат лекот и еднаш засекогаш да го решиме тој проблем… Пациентите да добијат иноватвен лек, а потоа компетентните во стручната комисија да одлучат кој е најзагрозен пациент за да прими терапија, изјави министерот.