Националните радиодифузери членки на Македонската медиумска асоцијација (ММА) и јавниот сервис МРТ бараат надлежните институции да испитаат дали со работењето на спортските канали Арена M1, M2 и M3 Премиум се заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.
Во заедничкото соопштение, ММА и МРТ наведуваат дека имаат материјални докази оти овие канали подолг период работат без домашна дозвола, додека АВМУ ги третира како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во земјава.
Од двете организации тврдат дека продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат во земјава, а програмата се емитува на македонски јазик.
Дополнително, посочуваат дека Арена M1, M2 и M3 Премиум не се евидентирани во регистарот на српскиот регулатор REM, поради што, според ММА и МРТ, не може да се третираат како домицилни српски канали.
Истовремено, во операторските евиденции одобрени од АВМУ, овие канали се водат како странски сервиси кои емитуваат програма на српски јазик.
ММА и МРТ бараат истрагата да утврди дали со ваквото постапување е заобиколена законската обврска за добивање дозвола, дали е причинета финансиска штета на буџетот поради евентуално неплаќање лиценца, како и дали постои одговорност кај сопствениците и одговорните лица на телевизиските сервиси, но и кај службени лица во АВМУ.
Во соопштението се бара да се провери и евентуално неовластено користење на премиум спортски телевизиски права, односно можен случај на ТВ-пиратерија.
ММА и МРТ бараат македонскиот регулатор да го испита и долгогодишното, како што наведуваат, незаконско реемитување на одредени канали од регионот.
Двете организации предупредуваат и на можноста истиот модел да биде применет и кај најавениот Euronews Македонија. Според нив, треба да се утврди дали АВМУ би го третирал овој сервис како странски програмски сервис на сличен начин како Арена Премиумканалите.
„Беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило“, наведуваат ММА и МРТ.
ММА и МРТ најавуваат дека ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР со цел да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во АВМУ.