Премиерот Христијан Мицкоски вели дека врз основа на проекција што нема да ја загрози ликвидноста на Буџетот до компаниите е доставена фер понуда за начинот на враќањето на солидарниот данок што го воведе претходната влада, но Законот за оваа давачка беше поништен од Уставниот суд.
До компаниите е доставен предлог исплатата на солидарниот данок да се изврши во две рати – во март 2026 и март 2027 година. Доколку правните лица не се согласат, ќе се изнајде друг соодветен модел на повеќе рати (до пет), со почеток од март 2026 година.
Според премиерот има компании што прифаќаат и поинакви услови и оти се различни впечатоците.
-Изминатиот период се преговараше и имавме состаноци со голем дел од компаниите. Мене ми е жал што ни е такво законодавството и оваа гарнитура во Судскиот совет и Обвинителството кое не повикува никого на одговорност. Тоа се сепак народни пари, ваши пари, вие ќе треба да ги враќате парите што некој ги трошел на незаконски и неуставен начин – рече Мицкоски, додавајќи дека е направена проекција за да не биде загрозена ликвиодноста на Буџетот и дека понудата е фер.
Министерството за финансии, како што објави претходно ресорната министерка Гордана Димитриеска Кочоска, постапува по задолжение на Владата за решавање на состојбата со компаниите кои уплатија средства врз основа на Законот за солидарен данок.
– До компаниите е доставен предлог исплатата да се изврши во две рати – во март 2026 и март 2027 година. Доколку правните лица не се согласат, ќе се изнајде друг соодветен модел на повеќе рати (до пет), со почеток од март 2026 година. Во моментов тече процесот на прибирање на одговори од компаниите. Министерството ќе ги разгледа и ќе ја информира Владата за постигнатите резултати, со цел започнување на постапката за враќање на средствата, напиша Димитриеска Кочоска во објава на Фејсбук.
Во 2023 година, 156 компании уплатија над 3 милијарди денари по основ на Законот за солидарен данок, а Уставниот суд на 5 февруари годинава донесе одлука да го поништи Законот за данок за солидарност. Највисоката сума беше 4,3 милиони евра на компанијата „Макстил“, а најниската е 640 евра од мала фирма.