Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека очекува во Приштина да има владин предлог за Заедницата на општините со српско мнозинство до 2 мај, за кога беше најавена средбата меѓу Александар Вучиќ и Албин Курти.
Ескобар во интервју за албанските медиуми рече дека се надева „дека ќе има конкретен предлог до 2 мај“, додавајќи дека има напредок по ова прашање и извонредна еволуција во односот на привремените власти во Приштина, особено на Владата и премиерот Курти, кои ја прифаќаат оваа законска обврска.
– Тоа е постоечка обврска од Бриселскиот договор и беше многу тешко оваа влада и партијата да ја прифатат како задолжителна. Но сега тоа го доживуваат како обврска, се согласија со тоа и јавно кажаа какви треба да бидат рамката и параметрите на Заедницата. И ние се согласуваме со овие параметри – рече Ескобар.