Претседателот на Република Српска најави дека ќе биде првиот претседател на самостојна Република Српска, а верува дека тоа ќе се случи до крајот на оваа деценија.
Во интервју за локалната телевизија К3 од Прњавор, Додик истакна дека нема никакви планови за повлекување од политиката и дека верува дека неговата позиција само ќе зајакне. Одговарајќи на новинарското прашање каде се гледа во 2030 година, тој кажа дека планира да биде првиот претседател на РС, која ќе се отцепи од Босна и Херцеговина.
„Ќе бидам во првиот мандат претседател на самостојна Република Српска“, изјави Додик и ги повика гласачите во тој ентитет цврсто да застанат зад него и неговата политика. Неговата изјава е во контрадикција со неодамнешното отворено залагање за формирање Голема Србија, која покрај РС би ги вклучувала и Косово и Црна Гора, а концептот за такво менување на границите во регионот го кажа на крајот на октомври во интервју за руската агенција Спутник.
Изјавите на Додик зачестуваат со приближувањето на 22 ноември, кога како обвинет треба да се појави на суд. Тој тогаш ќе се соочи со обвинение за неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХ, а во случај на осудувачка пресуда му се заканува казна од шест месеци до пет години затвор и автоматска забрана за вршење на должноста претседател на БиХ.