Повеќе од 50.000 граѓани се евакуирани поради разорни пожари што беснеат во околината на Измир, Билеџик и Хатај, соопшти турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја.
„Според првичните информации, во Билеџик се оштетени 64 станбени згради, три деловни објекти и 20 амбари. Во Измир, пак, се евидентирани штети на 132 домови и една комерцијална зграда“, напиша Јерликаја на социјалните мрежи, пренесува весникот Сабах.
Министерот им посака брзо закрепнување на погодените и нагласи дека државата и сите институции се целосно ангажирани и стојат зад граѓаните во справување со последиците од пожарите.