Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска ќе презентира Извештај по повод една година од мандатот. На денешен ден лани беше конституиран и новиот собраниски состав – 11. по ред од почетоците на плурализмот во земјава.
За изборот на Гаши за претседател на законодавниот дом гласаа 76 пратеници, а шестминаа беа „против“.
По изборот и давањето на свечената изјава, Гаши се обрати од собраниската говорница, прво заблагодарувајќи им се на граѓаните за довербата на парламентарните избори, а потоа и на пратениците за поддршката да го води законодавниот дом.
Во својата прва изјава како претседател, Гаши рече дека е свесен за одговорноста што ја презема, нагласувајќи дека во текот на неговото претседавање со законодавниот дом на секој пратеник ќе му биде гарантирано правото на изнесување на своите политички ставови и гледишта.
По повеќе од три децении демократија, рече Гаши, Собранието е вистинското место каде што треба на дело да покажеме дека ги почитуваме различните мислења.