– Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателката на Собранието на Република Косово, Аљбуљена Хаџиу, која е во официјална посета на земјата. Во фокусот на разговорите биле унапредувањето на парламентарната соработка, добрососедските односи и европската интеграција на регионот.
Како што информираат од Собранието, Гаши изразил задоволство од реализирањето на посетата оценувајќи дека таа претставува потврда на заемната посветеност на унапредувањето на добрососедските односи, парламентарниот дијалог и соработката меѓу Македонија и Косово.
Тој нагласил дека парламентарната соработка меѓу двете земји се карактеризира со интензивна динамика и изразил уверување дека овој тренд ќе продолжи и во иднина.
Гаши истакнал дека двете земји споделуваат заедничка визија за мирен, стабилен, безбеден и економски просперитетен регион, интегриран во евро-атлантските структури. Во таа насока, посочил дека е важно да продолжат отворениот дијалог и координацијата за прашањата од регионално значење.
Претседателката на косовското Собрание, Аљбуљена Хаџиу, се заложила за натамошно унапредување на конструктивната соработка меѓу двата парламента, нагласувајќи дека ова е нејзина прва официјална посета на странска земја во својство на претседателка на Собранието.
Според неа, тоа претставува потврда за значењето на билатералните односи и соработката меѓу двете пријателски држави.
Хаџиу изразила благодарност за континуираниот афирмативен став на Македонија во однос на пристапувањето на Косово кон мултилатералните и регионалните организации и иницијативи.
На средбата станало збор и за европските интеграции, при што соговорниците оцениле дека соработката треба да биде насочена кон создавање услови за забрзување на европската интеграција на целиот регион, врз основа на заслугите, исполнувањето на критериумите и доследното спроведување на реформите.
Гаши и Хаџиу нагласиле дека ќе продолжат да ги поттикнуваат контактите меѓу граѓаните, младите, академските заедници и деловните субјекти, оценувајќи дека тие се важна основа за долгорочно пријателство и партнерство.
Соговорниците размениле мислења и за актуелните случувања во регионот и во светот, при што ја истакнале потребата од мир, безбедност и стабилност.
На крајот од средбата, двајцата претседатели изразиле уверување дека посетата ќе придонесе за дополнително зајакнување на меѓусебната доверба и утврдување конкретни можности за продлабочување на соработката меѓу двата парламента