а На Европа ќе и биде многу тешко да ги наполни складиштата на гас на минатогодишното ниво, откако ја завршија зимската грејна сезона со релативно ниски залихи.
Ова го соопшти рускиот гигант за природен гас Гаспром, пренесува Ројтерс.
Европската унија инвестираше многу во увозот на течен природен гас (ЛНГ) минатата година и усвои регулативи за зголемување на складирањето за да избегне недостиг по намалувањето на испораките на руски гас во Европа.
„Гаспром“ соопшти дека заклучно со 16 април, складирањето во Европа содржело 56,6 милијарди кубни метри (bcm) гас, што е помалку од 58 милијарди кубни метри во истиот период во 2020 година, на почетокот на пандемијата.
Во пораката на социјалната мрежа Телеграм, Гаспром наведува дека релативно благото време и помогнало на Европа, што можеби нема да биде случај следната година.
Повторното полнење на складиштата би можело да стане „нетривијална задача“ за европските компании, напиша Гаспром.
„Ќе биде многу тешко да се направи, со оглед на политички мотивираните одлуки насочени кон отфрлање на увозот на руски гас од гасоводот. Количината на гас што е достапна на европскиот пазар во голема мера ќе биде под влијание на конкуренцијата за ЛНГ“, велат од Гаспром.
Минатогодишниот европски увоз на руски гас од гасоводи изнесуваше 62 милијарди кубни метри, што е за 60 отсто под просекот од претходните пет години, покажуваат податоците на Европската комисија.
Испораките на Русија во ЕУ се очекува да паднат на 25 милијарди кубни метри оваа година, под претпоставка дека протокот низ гасоводот Турски тек и преку Украина се во согласност со обемот во декември 2022 година, предвидува Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).