Вработен на Инфективна позитивен на конго-кримска хеморагична треска и хоспитализиран

Откако почина 27-годишна жена од штипското село Кучица по убод од крлеж, едно медицинско лице од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје каде се лекуваше жената, е исто така позитивно на конго-кримска хеморагична треска, потврдуваат за „Слободен печат“ од Министерството за здравство. Смртноста од конго-кримска хеморагична треска е 40 проценти.

Вработениот од Клиниката бил идентификуван како контакт со среден ризик и на деветтиот ден од надзорот пројавил симптоми и согласно добиените резултати од одделот на Институтот за јавно здравје е позитивен случај на Конго-кримска хеморагична треска.

 Пациентот е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а епидемиолошкиот оддел на Центарот за јавно здравје Скопје веднаш формирал екипа за теренски увид која ги спровела потребните активности, односно извршени се анкетирања на вработениот, ставање под надзор на контактите од здравствен ризик со цел спречување од понатамошно ширење на болеста.

Здравствениот надзор трае 14 дена од последниот контакт со пациентот. Контактите од првиот позитивен случај, односно од 27-годишната сега покојна жена, се под надзор до 10 август.

Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 14 дена.

Слични објави