Советот на Општина Делчево закажа вонредна седница поради големите штети предизвикани од невремето кое вчера го зафати Делчево. Како што информираше претседателот на Советот, Гоце Попов на седницата ќе биде предложена одлука за прогласување елементарна непогода од поплави во Делчево.
На седницата ќе биде донесена одлука за формирање комисија за проценка на штети, а ќе биде објавен и јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.
Воедно од утрово продолжија активностите за санирање на штетите на поплавените објекти. Екипи на Јавното комунално претпријатие интензивно работат на расчистување на земјениот нанос на улиците, а во моментот на терен се и стручни екипи кои прават увид на оштетените коловози на неколку улици, со цел да се преземат мерки за итно санирање на штетите.
Телефонскиот број 193 е и понатаму останува отворен за пријавување проблеми за интервенции од страна на ТППЕ Делчево.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски е во постојана координација со сите надлежни институции и притоа изрази благодарност за поддршката и помошта во опрема која пристигна од повеќе општини и истакна дека се преземат сите мерки за враќање на градот во нормала и санирање на штетите.