Две лами од редок вид пцовисале во скопската Зоолошка градина. Ова на Фејсбук го напиша советникот Стефан Кирков од ВМРО-ДПМЕ. Според неофицијални информации што ги поседувал тој, ламите умреле викендов и според првичните резултати, како што вели тој, неофицијално од туберкулоза.
– Како се лекувани овие животни, дали и кој ги лекувал, ќе покажат патолошкиот наод и истрагата. Подолго време укажувам и апелирам дека во Скопје ЗОО нема стручен ветеринар и дека ветеринар е човек што дo пред една година беше аниматор на детски родендени. Не го спорам неговото образование, но за познавањето и искуството се сомневам и по сè што се случи, сите се сомневаме – напиша Кирков и праша кога ќе престане овој хорор и дали ќе има одговорност.
Од Зоолошката градина информираа дека во изминатиот период, заедно со Факултетот за ветеринарна медицина, лекувале лама што, иако било направено сè од медицински аспект и грижа, за жал, умрела.
– Обдукцијата и резултатите (со PCR-метода) кај оваа лама покажаа туберкулоза, во процес што е постар од пет години. За оваа болест кај животните нема лек, ниту постои вакцина, а често и со години заболените единки не покажуваат никакви симптоми. Веднаш, во соработка и советување со Агенцијата за храна и ветерина, беа направени туберкулински тестови на сите лами. Секојдневно ја следиме нивната ситуација и се под медицински надзор – нагласија од Зоолошката градина, додавајќи дека ламите се домашни животни од фамилијата камили, кои потекнуваат од Јужна Америка.
`