Џонсон (58), кој поднесе оставка како пратеник минатата недела, откако истрагата покажала дека намерно го лажел парламентот за забавите за време на заклучувањето поради Ковид-19, секоја сабота ќе пишува колумна за Дејли Мејл, пишува весникот.
„Без разлика дали сте обожавател на Борис или не, тоа ќе мора да се прочита – и во Вестминстер и од милиони ширум светот“, забележува весникот. Откако поднесе оставка како премиер минатата година, Џонсон, еден од најпознатите и најконтроверзни британски политичари, заработи милиони фунти од говори.
Дејли Мејл е еден од најчитаните британски десничарски весници и Џонсон сигурно ќе заработи добри пари. Џонсон, кој не е непознат за скандали, ја започнал својата кариера како новинар, но бил отпуштен од Тајмс поради измислување цитат. Потоа пишувал за „Дејли телеграф“, каде како дописник од Брисел ја критикувал Европската унија во сатирични текстови кои не биле секогаш точни.
Потоа се занимавал со паралелно новинарство и политика како уредник на магазинот „Спектатор“ и пратеник во парламентот, а пред да стане премиер имал редовна колумна во „Дејли телеграф“. Често бил критикуван поради тоа, на пример за исламофобија, бидејќи тврдел дека муслиманките кои носат бурка изгледаат како поштенски сандачиња или ограбувачи на банки.