Цената за станбениот квадрат Скопје го стигна Солун на море, европски Загреб, па и соседен Белград. Нема стан во главниот град под 1.200 евра за квадратен метар. Во скопски Аеродром во зависност од локацијата, цена по квадрат надминува 1.500 евра, во Крапош 1.700, а во Центар околу 2.000 за квадрат. Градежниците очекуваат државата конечно да го заузда ценовното лудило за квадрат станбен простор, бидејќи цените на градежниот материјал на светските пазари, изминатите месеци, се во постојан пад, објави Алфа.
– Инвеститорите на објектите од година в година го зголемуваат профитот, што квадрат стан не смее да изнесува над 800 евра, а не како сега за над 1.600 евра за метар квадратен, како што тоа сега се случува. Точно е дека репроматеријалите беа зголемени поради војната во Украина, но сега тие цени се сега паднати, од една страна за нив, а од друга страна ние да плаќаме од 1.600 до 2.000 евра за квадрат, што за нас како граѓани тоа е мислам дека е бесмислено, вели за Алфа, Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија.
Пешевски е оптимист дека ќе следи период на пад на цените на становите, иако никогаш кавадратот во Скопје нема да се продава по цени како некогаш.
Капак на се, е и недостатокот на градежни работници кои ги има се помалку. Онаму каде што ги има, добар дел од газдите ги држат не пријавени, за да можат полесно да манипулираат со работниците, но и со Законот за градежни работи.
Драстично поскапување на становите изминатиот период немаше само во Скопје, туку во сите градови во земјава. Цените и на новите и на старите станови се нереални и надувани, сметаат дел од градежниците. Тоа што сè уште се одржуваат и понатаму растат, според нив, најверојатно е резултат на побарувачката.
Од агенциите за недвижности велат дека побарувачката за станови во земјава и особено во главниот град засега нема никакви знаци на стивнување, ниту, пак, има какви било изгледи за намалување на цената на становите.