Во Македонија се одбележа Меѓународниот ден на Ромите

Демократскиот сојуз на сите Роми во Македонија им го честита Светскиот ден на Ромите со искрени желби и определба, Ромите како трудољубив и мирен народ да бидат интегрирани во општеството и да ги имаат сите можности и услови за напредок како и другите народи насекаде во светот.

Не треба да биде само овој ден кога се зборува за правата на Ромите, треба секојдневно да создаваме еднакви шанси за нив, но и за сите граѓани, велат од ДСМ, кои вчеравечер организираа свечена академија по повод 8 април.

Во Македонија многу е направено за подобрување на животот и статусот на Ромите, но далеку сме од тоа да можеме да речеме дека дел од Ромите не се дискриминирани и дека сите имаат еднакви шанси да се образоваат, вработувaат и да создаваат нови вредности.

Состојбата на Ромите во С Македонија и нивната интегрираност во општествениот живот бележи тенденција на подобрување, но оваа етничка заедница и понатаму се соочува со проблеми кои главно се егзистенцијални и како резлутат на тоа голем дел од нив се на работ на преживување на општествените маргини, рече Суад Скендери од Институтот „Ромалитико“. Тој вели дека се забележува и подобрување во искоренувањето на дискриминацијата и предрасудите за оваа етничка заедница и како држава, Северна Македонија има голем напредок кога станува збор за правата на Ромите.

„Ако во минатото беше проблем да се види некој Ром кој е вработен во бизнис секторот, сега можете да видите дека се почесто има Роми кои се вработени во таквите маркети. За разлика од пред 15 години кога тоа беше замислена именка, можам сега да нотирам дека можеме да видиме промена“,рече Скендери.

Но она што се провлекува како проблем со години наназад се децата Роми кои питачат низ градските улици, наместо да одат во училишта. Скендери вели дека овој феномен постои, но потенцира дека сиромаштија постои и кај останатите етнички групи, но проблемот е што првата слика која луѓето ја добиваат за Ромите е токму сиромаштијата прикажана со децата питачи на семафорите.

„Не можам да кажам дека државата доволно прави, но можам да кажам дека во овој момент државата најмногу се вложува децата на улица и бездомниците да бидат згрижени“, рече Скендери.

Инаку, честитки по повод Меѓународниот ден на Ромите ‒ 8 Април, упати претседателот Стево Пендаровски кој кажа дека ромската заедница е нераскинлив дел од мултикултурниот мозаик на нашето општество и потребно е заеднички да продолжиме да ги следиме европските вредности за еднаквост и за почитување на фундаменталните права на сите граѓани подеднакво.

Слични објави