Новинарот Фабрицио Романо известува дека Славен Билиќ е главен кандидат за отвореното селекторско место во украинската фудбалска репрезентација. Украина во моментов ја предводи привремениот селектор Руслан Ротан, но Романо тврди дека разговорите меѓу Билиќ и украинските фудбалски челници треба да започнат наскоро.
Славен Билиќ е слободен откако доби отказ во англискиот клуб Вотфорд. Поранешниот хрватски селектор и репрезентативец има успешна кариера, а неговите најзначајни успеси беа со Вест Хем кога освои 62 бода во Премиер лигата и постигна просек од 1,33 голови по натпревар, што е апсолутен рекорд во историјата на „чеканите“ од Лондон.
Според Романо, Билиќ и украинските фудбалски челници скоро ќе потпишат тригодишен договор, а новиот селектор ќе го преземе тимот веднаш по официјализирањето на соработката. Ова значи дека Билиќ би можел да допатува како предводник на Украина во Скопје за квалификацискиот меч кој нашите „рисови“ треба да го одиграат во јунскиот прозорец.
Македонија ја пречекува силната украинска селекција во Скопје, откако Украина беше слободна во првото коло од евроквалификациите, а потоа загуби од Англија во Лондон. Со победа во овој меч, нашите „рисови“ ќе бидат во добра позиција околу борбата за најмалку третото место во силната група во која се наоѓаат уште репрезентациите на Англија, Италија и Малта.