Проф. д-р Фуштиќ: Пациентот Пехчевски е во стабилна состојба, „трикафта“ ќе добие кога ќе пристигне

од Вести365.МК Ј.Р.

Директорката на Универзитетската клиника за детски болести проф. д-р Стојка Нацева Фуштиќ, даде писмена изјава во врска со зачестените јавувања во медиумите и социјалните мрежи на пациентот со цистична фиброза Игор Пехчевски и изјавите дека е во критична состојба. Пехчевски не е на листата на 12-те најкритични пациенти со цистична фиброза за кои Фондот за здравствено осигурување обезбеди терапија.

-И.П. е во стабилна состојба, со умерено засегната белодробна функција (FEV1=70% од предвидениот) и е предвиден за испишување од клиниката утре (15.04.2023). Со спроведување на препишаните терапии и редовна физикална терапија, може да се одржува стабилен. Модулаторната терапија (Kaftrio во комбинација со Kalydeco) ќе започне да ја прима кога ќе биде достапна и за пациентите со умерена белодробна болест. Во првата фаза започнавме со терапија кај пациентите со потешка белодробна болест (FEV1 околу 40% од предвидениот), соопштува проф. д-р Стојка Нацева Фуштиќ, в.д. медицински директор на Универзитетска клиника за детски болести.

Таа изјавата образложи дека ја дава како одговорен доктор за неговото здравје додека е хоспитализиран на Универзитетската клиника за детски болести.

Преку социјалните мрежи младиот беровчанец Игор Пехчевски бараше лекот за цистична фиброза Трикафта да му се издаде веднаш, нагласувајќи дека е хоспитализиран на Детската клиника и секојдневно таму прима по седум шишиња венска терапија. Тој рече дека Велигденските празници ќе мора да ги помине на болничкиот кревет, бидејќи поминале само половина од предвидени 14 дена за терапија.

-За жал за празниците нема да бидам меѓу моите дома бидејќи ќе морам да бидам хоспитализиран до вторник, што е жална слика. Сакам политичарите да ги повикам да не се препукуваат на седниците туку да ни го набават лекот, се обрати вчера Игор Пехчевски, пациент со цистична фиброза преку социјалните мрежи.

Лекот Трикафта, на Клиниката за детски болести пристигна на 9 март и беше наменет за осум пациенти со цистична фиброза кои веднаш почнаа со едногодишна терапија.

Според министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, двајца од осум пациенти се во тешка здравствена состојба и се лекуваат на Клиниката за пулмологија, а шестмина други на Клиниката за детски болести.

Лекот Трикафта на пациентите им овозможува поквалитетен живот, а во вторникот уште четворица пациенти започнаа со примање на терапијата Kaftrio во комбинација со Kalydeco, познатa како „Трикафта“. Пациентите кои ја примија терапијата се задоволни од нејзиното дејство и за тоа колку ја враќа белодробната функција, а со тоа и можност без преголем напор да ги извршуваат секојдневните работи.

Министерот за здравство д-р Меџити во вторникот ги прими претставниците на Асоцијацијата за цистична фиброза кои претходно реагираа дека Министерството за здравство не воспоставило контакт со потребната компанија која го набавува лекот „Трикафта“, а не се работи ниту на програмата за обезбедување на лекот за останатите пациенти
Асоцијацијата за цистична фиброза најави нови протести по празниците доколку повторно институциите немаат слух за нивните барања.

Слични објави