Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, со заменикот министер за транспорт и врски, Беким Реџепи, со директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев, денеска беше во општината Бутел, каде што се довршува изградбата на најголемата социјална зграда во државата.
-Обезбедивме дом за уште 312 семејства во најголемата социјална зграда во државата, во општината Бутел во Скопје. Наши сограѓани од социјално загрозени семејства ќе добијат кров над глава и децата во овие семејства ќе бидат на сигурно.
Денеска можев да се уверам дека градежните работи се одвиваат динамично, реализирана е 95% од градбата и наскоро, по комплетирањето, ќе биде распишан оглас за доделување на становите. Досегашната инвестиција во оваа зграда е 10 милиони евра. Вложуваме во потребите на граѓаните, информира Ковачевски.