Првиот интернационален натпревар во пеење „Песните на Тоше Проески“, во организација на „Естрада мултимедија центар“, се одржа на 11 и 12 октомври на сцената на Националната опера и балет во Скопје, на која дваесетина млади пејачи од целиот Балкан, но и од Русија, Украина, Малта и од Израел, во живо ги отпеаја песните на една од најголемите македонски музички ѕвезди, Тоше Проески.


Учесниците, кои беа на различна возраст, со огромна желба, на најдобар начин да се претстават, многу емотивно, повторно нѐ потсетија на хитовите: „Тајно моја“, која ја слушнавме во неколку различни верзии, како и „Среќна ли си ти“ и „Цреша“, а уживавме и во изведбата на „Боже чувај ја од зло“, „Љубена“, „Једина“, „Соба за тага“, „Полско цвеќе“, „За овој свет“ и уште многу други.


Публиката воодушевена од изведбите на учесниците, учествуваше во изведбите заедно со нив, а магијата на вечерта заблеска со сиот свој сјај за време на изведбата на Нела Манчевска, добитничка на највисокото признание на фестивалот, „Гран при“, која ја отпеа химната на сите деца „За овој свет“.

Годинава беше првото издание на овој интернационален фестивал, а идејата за организирање на истиот е на Марјан Катароски, промотор на македонски таленти во светот, организатор на музички фестивали во земјава и актуелен директор на Светската асоцијација на фестивали кој вели дека таа долго тлеела во него чекајќи го вистинското време за реализација.
Целта е да продолжат да живеат песните на Тоше Проески, и новите генерациии да ги пејат, а истовремено и да им се даде една друга димензија.