Би дал сè за да го решам секое прашање и мака на народот. И сигурен сум дека може повеќе, но исто така сигурен сум дека успеваме и го даваме последниот атом од силата да направиме многу повеќе, да донесеме ред во безредието, да донесеме реформи во хаосот кој го затекнавме, да подигнеме цврст дом, на темелите кои одново ги ѕидавме. И во таа наша борба резултатите се видливи – истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на свечената академија во Куманово.
„Пеколно тешко“ е, рече, да создадеш успех во наследен руиниран систем и во светска епска криза и дека успехот го потврдуваат бројките – во вториот квартал од 2026 година остварен е раст на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти и номинален раст од повеќе од 8 проценти и е најголем во регионот.
Како што рече, тоа е показател дека економијата се движи напред, создава нова вредност и отвора простор за повисок животен стандард.
-Извозот во првите осум месеци од годината достигна 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти. Тоа значи поголем пласман на македонските производи на странските пазари, повеќе економска активност и нови можности за домашните компании. Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент. Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме до просечна плата од 1.000 евра или нешто повеќе од 60,000 денари, рече Мицкоски.