Mинистер поднесе оставка откако призна дека сакал да ја вработи својата љубовница како советничка

од Вести365.МК | М.Т.

Италијанскиот министер за култура Џенаро Санџулијано поднесе оставка откако призна дека сакал да ја вработи својата љубовница како советничка, што стана голем скандал за владата на Џорџа Мелони.

Бившиот новинар се соочи со медиумска бура околу улогата на Марија Росарија Бочија, инфлуенсерка и самопрогласена претприемачка, која на Инстаграм објави дека била предложена за „советничка на министерот за големи настани“.

„Иако во прв момент размислував да ја ангажирам за неплатена советничка во министерството, потоа се премислив, зашто тоа би можело да биде судир на интереси“, кажа Санџулијано во ТВ-интервју пред два дена.

Тој денеска изјави дека мора да поднесе оставка за да го заштити угледот на министерството, што беше прифатено. Тоа е првата министерска смена во владата на Мелони, која во изминатите две години му беше лојална на својот тим, што донесе политичка стабилност во земјата.

Во интервју за „РАИ“, Санџулијано призна дека ја запознал доста помладата Бочија на журка во Неапол во мај, што прераснало во сентиментална врска, која се распаднала во почетокот на август.

Слични објави